УТРО.мк

Македонците во Мала Преспа го одбележаа Раѓањето на Пресвета Богородица на островот Мал Град

Македонците во Мала Преспа го одбележаа Раѓањето на Пресвета Богородица на островот Мал Град
Vero

Македонците во Мала Преспа го одбележаа големиот православен празник Раѓање на Пресвета Богородица – Мала Богородица, со богослужба во црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град во Преспанското Езеро.

Во древниот храм „Света Богородица“, кој потекнува од 1345 година, беше одржана свечена богослужба, продолжувајќи ја вековната традиција на одбележување на празникот на островот Мал Град.

На богослужбата, во чест на Рождеството на Пресвета Богородица, богослужеше митрополитот Корчански, Неговото Високо Преосвештенство Анастасиј, заедно со отец Алексо од Пустец и други свештеници од Корчанската митрополија.

На празничната богослужба присуствуваше и претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој на верниците им посака здравје, мир и благосостојба.

Црквата „Света Богородица“ на Мал Град претставува еден од најзначајните културно-историски споменици во Преспа. Сместена на островот Мал Град, во областа Мала Преспа, црквата датира од XIV век и претставува значаен споменик на средновековното македонско културно наследство во Преспанскиот регион.

Особено значаен е нејзиниот фрескоживопис, по кој храмот се издвојува меѓу пештерските и островските цркви распространети долж бреговите на Преспанското и Охридското Езеро.

Празникот Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица има посебно значење и во традицијата на Македонците во Албанија. Голем број македонски семејства го одбележуваат како домашна слава, пренесувајќи ја традицијата од поколение на поколение.

Одбележувањето на празникот на Мал Град и годинава беше можност жителите на Преспа да ја продолжат вековната верска и културна традиција поврзана со овој значаен храм и со Преспанскиот крај.

https://makedonium.net/?p=9981

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin