
Поранешниот кандидат за претседател на Романија, Келин Ѓорѓеску, е приведен од романската Дирекција за истрага на организиран криминал и тероризам (DIICOT), пренесуваат романските медиуми.
Ѓорѓеску е одведен во својот дом, каде што во тек се претреси во рамки на истрагата. Случајот се однесува на сомневања за измама, при што наводната материјална штета се проценува на околу 1,1 милион евра.
Истрагата опфаќа и сомневања за создавање организирана криминална група.
Ѓорѓеску, кој е познат по своите проруски ставови, привлече големо внимание за време на претседателските избори во Романија во 2024 година, кога неочекувано го освои првото место во првиот круг.
Резултатите од изборите подоцна беа поништени, а на Ѓорѓеску не му беше дозволено да учествува на повторените избори. Во мај 2025 година тој објави дека се повлекува од политиката.
Најновата истрага сега ги опфаќа наводите за финансиска измама и евентуално организирано криминално здружување, додека понатамошниот тек на постапката треба да покаже дали и за кои конкретни обвиненија ќе биде поднесено обвинение.

















