
По периодот на натпросечно топло време, Европа ја очекува значителна промена на временските услови. Студен арктички воздух ќе се спушти кон источните и јужните делови на континентот, а најизразено заладување се очекува на Балканот.
Според прогнозите на Severe Weather Europe, студениот бран ќе започне во вторник и ќе продолжи во среда, кога температурите во повеќе балкански земји значително ќе се намалат.
Продорот на студениот воздух ќе биде овозможен од силен блокирачки антициклон над Северниот Атлантик и Скандинавија. Во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија и Бугарија температурите локално би можеле да бидат и за 10 до 15 степени пониски од вообичаените вредности за овој период од годината.
Во вторник студениот фронт ќе зафати голем дел од Балканот, а во среда ќе се прошири и кон Грција, Егејското и Црното Море, како и кон Турција. Во најниските и средните атмосферски слоеви се очекуваат температури околу 6 до 10 степени под просекот за крајот на септември.
Дополнително заладување се очекува во текот на ноќта. Ведрото време и послабиот ветер би можеле да создадат услови за појава на првиот утрински мраз во пониските предели, котлините и земјоделските подрачја.
На повисоките планини на Карпатите, а можно е и во северните делови на Балканот, температурите би можеле да се приближат до нула степени, со услови за првите позначајни снежни врнежи оваа есен.
Најстудено се очекува да биде во вторник и среда, кога температурите во централниот и јужниот дел од Балканот главно ќе се движат од 10 до 20 степени.
Сепак, според актуелните прогнози, студениот бран ќе биде краткотраен. По средината на неделата се очекува постепено затоплување, со повторен продор на потопол воздух од запад кон централните делови на Европа.

















