
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, добила покана да стане членка на Управувачкиот комитет на новата европска Мрежа на жени лидери во јавниот сектор за климатски прашања. Таа најави дека утре, 14 октомври, во Брисел ќе учествува на основачкиот собир и првиот лидерски дијалог на иницијативата.
Поканата ја добила од Силвана Кох-Мерин, претседателка и основачка на организацијата Women Political Leaders (WPL). Божиновска ја оцени како голема чест и одговорност, но и како можност за претставување на македонските енергетски приоритети во новата европска иницијатива.
„Особено ми значи што нашите заложби за енергетска транзиција, диверзификација на снабдувањето, обновливи извори и регионална енергетска соработка се препознаени како искуство што може да придонесе во креирањето на идните европски приоритети“, истакна Божиновска.
Според нејзината објава, мрежата е основана од WPL, под покровителство на принцезата Мари-Есмералда од Белгија и во партнерство со Мрежата на жени лидери за климата на Групацијата на Европската инвестициска банка.
Иницијативата ќе обедини жени на високи јавни функции, со цел унапредување на климатските политики, зајакнување на инфраструктурата и поттикнување инвестиции во одржлива иднина.
Во фокусот на разговорите во Брисел ќе бидат чистата енергија, отпорноста на инфраструктурата, новите технологии и можностите за поголема соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.
Божиновска порача дека учеството отвора можност гласот и искуствата на Македонија да бидат присутни уште при обликувањето на иницијативата, како и да се создадат нови партнерства во енергетиката и климатските политики.























