
Од 15 ноември започнува обврската за поседување зимска опрема во возилата што учествуваат во сообраќајот. Таа важи до 15 март, а за непочитување е предвидена глоба од 45 евра во денарска противвредност.
За возилата до 3.500 килограми се потребни зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри. Дозволени се и летни гуми со истата минимална длабочина, доколку возилото поседува соодветни синџири за снег за погонските тркала или други пропишани помагала.
Кај возилата со погон на сите четири тркала, зимските гуми треба да имаат шара длабока најмалку шест милиметри. Доколку се користат летни гуми со најмалку четири милиметри, потребни се синџири најмалку за задната осовина кај постојан погон, односно за постојано вклучената осовина кај преклоплив погон.
За возилата над 3.500 килограми се предвидени зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Како алтернатива се дозволени летни гуми со најмалку четири милиметри и соодветни синџири за погонските тркала или други пропишани помагала.
Автобусите и товарните возила што поради технички причини не можат да постават синџири мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и прирачен алат — лопата.























