
Меѓународниот монетарен фонд ја ревидираше нагоре прогнозата за раст на македонската економија во 2026 година. Наместо претходно очекуваните 3,1 отсто, Фондот сега предвидува раст од 3,5 отсто. За 2027 година прогнозата изнесува 3,2 отсто.
Со оваа проекција, Македонија е на исто ниво со Албанија и Косово. Во регионот, ММФ очекува раст од 3,2 отсто за Србија, три отсто за Црна Гора, 2,6 отсто за Бугарија, 2,3 отсто за Босна и Херцеговина, 2,2 отсто за Хрватска и 1,8 отсто за Грција.
Повисоки очекувања за Македонија неодамна објави и Светската банка, која ја зголеми прогнозата за годинава од 2,9 на 3,2 отсто. Како главни двигатели ги посочи инфраструктурните проекти. За 2027 и 2028 година, банката предвидува раст од по три отсто.
На глобално ниво, ММФ очекува економски раст од 3,1 отсто во 2026 година, што е мало зголемување во однос на јунската прогноза од три отсто. Сепак, Фондот предупредува дека светската економија останува изложена на притисоци од високите енергетски цени.
Според извештајот, просечната цена на нафтата годинава би можела да достигне 96 долари за барел, со раст од речиси 41 отсто. Глобалната инфлација се прогнозира на 4,7 отсто, наспроти 4,1 отсто во 2025 година.
ММФ оценува дека развојот на вештачката интелигенција ублажува дел од негативните економски ефекти, но предупредува дека придобивките не се распределени рамномерно, а влијанието врз пазарот на трудот постепено ќе се зголемува.
Проекциите остануваат зависни од претпоставките за енергетското снабдување и движењето на побарувачката поврзана со вештачката интелигенција.























