На 12 јуни 2025 година, во ООУ „Блаже Конески“ – Аеродром, директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НЕОПАМ), д-р Петар Богојески, присуствуваше на завршниот настан од Еразмус+ проектот „Еко-одговорни граѓани“. На свеченоста се претстави посветениот проектен тим, учениците кои ги презентираа своите резултати, како и родители и претставници на училиштето.

Во знак на благодарност за поддршката и придонесот кон реализацијата на проектот, д-р Богојески доби специјална плакета, а имаше чест и лично да им ги додели Europass-сертификатите на учениците за учеството во мобилностите.
Проектот го координираше ООУ „Блаже Конески“ – Аеродром, со партнерски училишта Agrupamento de Escolas de Samora Correia од Португалија и Zafer İlkokulu од Турција. Во секоја од државите-партнери беа вклучени по шест ученици.

Во рамките на проектот, македонските ученици засадија еко-градина со цел да ја зголемат еколошката свест и да ги поттикнат младите на одговорно однесување кон животната средина. Во Турција, учесниците изработуваа декорации од рециклиран материјал и посетуваа фабрика за преработка на отпад, додека во Португалија истражуваа флора и фауна во атлантските води.
Еразмус+ проектите поддржани од НЕОПАМ имаат за цел промоција на европските вредности и човековите права, развивање социјално-економски вештини кај младите и градење чувство на припадност кон заедницата. Ние секогаш сме тука да ги поддржиме овие иницијативи и да ја зголемиме видливоста на овие вредности во нашето општество.