УТРО.мк

Археолошки сензации кај битолско Црнобуки: Откриени над 400 монети, меѓу нив и со ликовите на Филип Втори и Александар Велики

Археолошки сензации кај битолско Црнобуки: Откриени над 400 монети, меѓу нив и со ликовите на Филип Втори и Александар Велики
Vero

Повеќе од 400 антички монети се пронајдени во текот на петгодишните систематски археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај битолското село Црнобуки, откривајќи нови важни податоци за еден од најзначајните антички градови на територијата на денешна Македонија.

Годинашната истражувачка кампања донела дополнителни наоди кои го зајакнуваат значењето на локалитетот, при што археолозите посочуваат дека станува збор за економски и културно развиена урбана средина која опстојувала со векови.

Проектот се реализира од мешовит македонско-американски тим составен од експерти од НУ Завод и музеј – Битола и Универзитетот „Кал Поли Хамболд“ од Калифорнија.

Според координаторот на истражувањата, археологот Енгин Насух, монетите ја прикажуваат континуираната историска линија на населбата. Меѓу нив има примероци од времето на македонскиот крал Филип Втори, на кои е претставен богот Зевс, како и монети поврзани со периодот на Октавијан Август. Пронајдени се и кованици од значајни антички центри како Тесалоника, Пела, Амфиполис и Дирахион.

Особено значајни се сребрената монета со ликот на Александар Трети Македонски, како и досега најголемото депо на сребрени римски републикански монети од периодот меѓу 104 и 41 година пред нашата ера, откриено на територијата на Македонија.

Археолозите посочуваат дека локалитетот најверојатно претставува град од македонско-хеленистичкиот период кој опстојувал и во подоцнежните епохи, но предупредуваат дека конечната идентификација сè уште не е научно потврдена.

Годинашните ископувања се одвивале на површина од околу 75 квадратни метри, при што е откриен дел од град со занаетчиски работилници и продавници, како и големо количество керамички и метални предмети, што укажува на силно развиен стопански центар.

Откритијата од Црнобуки во последните години привлекуваат значително меѓународно внимание, со што локалитетот Градиште се позиционира сè поцврсто на археолошката мапа на Балканот и пошироко.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin