
Во седум општини од Југоисточниот Регион во четврток и петок ќе се реализира ларвицидна дезинсекција, односно третман против комарци, информираа од Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион.
Активностите ќе започнат во четврток, кога е предвидено прскање во Радовиш од 09:00 часот. Подоцна истиот ден, од 12:00 часот, ќе се спроведе третман и во Конче и во Струмица.
Програмата продолжува во петок, кога ќе бидат опфатени преостанатите општини. Во Валандово прскањето е закажано за 09:00 часот, исто како и во Босилово, додека во Василево и Ново Село активностите ќе започнат во 12:00 часот.
Од надлежниот Центар апелираат до пчеларите навремено да преземат мерки за заштита на пчелните заедници, а на граѓаните им се препорачува да избегнуваат движење во подрачјата каде што ќе се изведува третманот за време на неговото спроведување.
Доколку временските услови не дозволат реализација на планираните активности, прскањето ќе биде одложено и спроведено во друг соодветен термин.















