
Од 1 јануари 2026 година, со стапувањето во сила на новиот Закон за инспекциски надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) појаснува дека нема да постапува по анонимни иницијативи за инспекциски надзор. Тоа значи дека секој кој сака да алармира за неправилности или повреди во делокругот на работењето на АХВ, мора да го стори тоа со наведени лични или бизнис податоци.
Иницијативите се прифаќаат на неколку начини: преку контакт формата „Поднесете претставка“ на официјалната веб-страница на Агенцијата (https://fva.gov.mk/mk/contact/podnesete_predstavka), електронски на адресите [email protected] и [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ. Подносителот треба да користи соодветен образец за иницијативи.
Секоја поднесена иницијатива мора да содржи: назив на инспекцијата до која се упатува, име и презиме и адреса на подносителот или, во случај на правно лице, назив и седиште, како и име на законски застапник или полномошник ако постои. Неопходен е и краток опис на забележаната повреда и назначување на субјектот кај кој се бара спроведување на инспекциски надзор.























