
Република Македонија се подготвува за радикална промена на правилата за употреба на тутун, насочена кон заштита на здравјето на граѓаните, особено на децата и младите. Новиот предлог-закон предвидува целосна забрана за пушење во сите јавни простории, како и во приватни возила доколку се превезуваат малолетници.
Младите најзагрозени
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, 45,4% од возрасната популација се активни пушачи, што е двојно повеќе од просекот во Европа (19,7%). Просечниот македонски пушач консумира околу 20 цигари дневно.
Особено загрижувачки е бројот на младите: 38% од тинејџерите веќе пробале цигара, а 4,1% од 11-годишниците имале искуство со тутун. Дополнителна закана се електронските цигари и уредите за загревање тутун, кои се сè попопуларни меѓу младите.
Каде ќе биде забрането пушењето?
Министерот за здравство Арбен Таравари нагласува дека целта на законот е превенција, а не репресија. Новите правила предвидуваат:
Целосна забрана во јавни и работни простории, вклучувајќи училишта, болници, спортски сали, канцеларии, хотели и комерцијални објекти. Забрана за пушење во приватни возила кога се превезуваат деца. Исклучоци само за строго дефинирани отворени простори (тераси), физички одвоени од најмалку три страни.
Крај на „скриената“ промоција на тутун
Законот предвидува и целосна забрана на рекламирање, промоции преку инфлуенсери, спонзорства и сцени со пушење во филмови и серии за млади. Продажбата ќе биде ограничена:
Забрана на производи со ароми и вкусови кои ги привлекуваат младите. Цигарите во продавниците ќе се чуваат во затворени плакари/фиоки, невидливи за купувачите. Забрана за онлајн продажба и вендинг машини.
Драконски казни за прекршителите
За да се обезбеди спроведување на законот, предвидени се високи парични казни и засилени инспекциски надзори:
За правни лица: 2.000 до 5.000 евра. За одговорно лице во фирмата: до 2.000 евра. За физички лица: од 150 до 300 евра. Инспекторите можат привремено да го затворат објектот до 3 месеци при прекршување на законот.
Останува да се види дали овие ригорозни мерки ќе успеат да го намалат пушењето и да ја сменат „културната навика“ на македонските граѓани.



























