Калканделен (место на мечот и штитот).
Турците ги употребувале и имињата Калкандели и Калканделе, а францускиот конзул Анри Пуквил го спомнува под името Калканделук. Освен тоа, градот бил спомнуван и со формите Тетовен и Тетевен. Името Тетово, според една народна легенда, е сврзано со еден необичен настан од времето на турското владеење. Имено, во непосредна близина на градот, меѓу два рида, живеела голема змија од која се плашеле сите. Никој не се обидувал на страшната ѕверка да и излезе на мегдан. Само некојси Тето излегол храбар маж. Еден ден, наоружан со лак и стрела и со меч и штит, качен на својот брзоног коњ, тој се упатил кон загрозеното место. Кога стигнал таму, се појавила змијата и му го попречила патот. Тето не се уплашил. Го оптегнал лакот и со една стрела ја предизвикал ѕверката. Змијата почнала да реагира, испуштајки некаков глас. Разлутена, таа со голема брзина се упатила кон пленот. Но Тето бил бестрашен. Кога влекачот се доближил до него, тој замавнал со остриот и шилест меч и го пронижал. Така биле ослободени луѓето од страшилиштето, од опасната ѕверка. Излегол и стравот од нив, а преминот меѓу двата рида бил слободен и лесно прооден. Оттогаш, според легендата, местото каде што била убиена змијата со меч и штит, (калкан), било наречено Калкандели, а градот, (на турски), – Калканделен. Во сеќавање на јунакот Тето, пак, месното население населбата ја нарекло со името Тетово.























