Живее со поранешниот и сегашниот сопруг под ист покрив: Меган од САД објаснува зошто не го смета тоа за лудост, туку за практично решение
Меган Мејер од Јужна Каролина предизвика бројни реакции на социјалните мрежи откако откри дека живее под ист покрив со својот сегашен и поранешен сопруг. Но, според неа, ваквиот аранжман е практичен, економски исплатлив и најважно – добар за децата.
По разводот со Тајлер во 2023 година, со кого има едно дете, Меган се омажи за новиот партнер Мајкл и со него доби второ дете. Наместо децата да патуваат од еден дом во друг, парот донел неконвенционална одлука – да живеат сите заедно.
„Финансиски, беше најпаметно. Трошоците се преполовија, а и мажите почнаа да се согласуваат одлично. Си рековме – зошто да не?“, објаснува Меган за Daily Mail.
Иако признава дека понекогаш има мали расправии со поранешниот сопруг, најчесто, вели, се работи за ситници. Таа додава дека со сегашниот сопруг се трудат да ја зачуваат интимноста во рамки на приватноста, без да го нарушуваат мирот во заедничките простории.
Сепак, нејзиниот начин на живот предизвика поделени мислења во јавноста – од осудување до поддршка. Меган, пак, стои зад својата одлука, велејќи дека стабилноста и среќата на децата се поважни од туѓите предрасуди.