Дека кучињата имаат силна поврзаност со своите сопственици одамна е познато, но нови истражувања укажуваат на уште подлабока димензија на нивната емпатија и способност за проценка на човечкиот карактер. Имено, научно е потврдено дека кучињата умеат да препознаат кога некој се однесува лошо — не само кон нив, туку и кон нивните човечки членови од семејството — и на тоа реагираат соодветно.
Истражувањето спроведено од професорот Акико Такаока од Катедрата за психологија на Универзитетот во Токио покажува дека кучињата умеат да ги запаметат луѓето кои ги изневериле и подоцна да ги избегнуваат. Во еден од експериментите, волонтерите повеќепати покажувале сад со храна кој всушност бил празен, предизвикувајќи лажно очекување кај кучињата. По неколку повторувања, кучињата почнале да го игнорираат истиот тој волонтер, дури и кога во следниот обид им понудил вистинска храна. Некои кучиња дури и покажале знаци на лутина. Наспроти тоа, кон оние што биле искрени, покажале приврзаност и доверба.
Уште поинтересни се резултатите од студијата на Универзитетот Кјото, која се фокусирала на способноста на кучињата да ги проценат односите меѓу луѓето. Во овој експеримент, кучињата биле присутни додека непознати волонтери се однесувале на различни начини кон нивните сопственици – едни со љубезност, други со агресија и викање.
Кога потоа волонтерите им понудиле храна, кучињата што биле сведоци на непријателското однесување реагирале со воздржаност. Некои одбиле да ја прифатат храната, други ја зеле но се оддалечиле без интерес за понатамошна интеракција. Од друга страна, волонтерите кои се однесувале пријателски, биле дочекани со доверба и ентузијазам.
Научниците заклучуваат дека реакцијата на кучињата зависи од нивниот карактер, но е јасно дека тие се способни да проценат какви се луѓето околу нив и дали тие луѓе се закана за нив или за нивните најблиски.
Овие наоди уште еднаш потврдуваат дека кучињата не се само лојални придружници, туку и внимателни набљудувачи на човековото однесување – и знаат кому да му веруваат.