Сè поголем број туристи последниве години ја избираат Албанија како летна дестинација, привлечени од природните убавини, ниските цени и автентичната атмосфера. За разлика од поскапите медитерански одморалишта, Албанија нуди пристапни цени на сместување, храна и услуги, што овозможува пријатен и квалитетен одмор и за оние со поскромен буџет.
Туристката Јана, која на Инстаграм е позната под името travelwith_jana, објави видео од нејзиното патување во Албанија, покажувајќи што сè успеала да купи за само 10 евра.
Според нејзината објава, гирос чини 2,50 евра, топка сладолед 1 евро, кафе на плажа 1,20 евра, голема флаша вода (1,5 л) само 0,50 евра, лименка газиран пијалок 0,90 евра, чоколадо 1,10 евра. Покрај сето тоа, ѝ останале средства и за сувенир – магнет за 2 евра, и лименка пиво за 1,30 евра. Иако вкупната сума изнесува 10,50 евра, сепак, како што истакнуваат многумина, за таа сума во други дестинации речиси ништо не може да се купи.
Особено позитивно беше дочекана информацијата дека лежалките на плажа се бесплатни – нешто што сè поретко се среќава во други туристички места.
Коментарите под видеото беа преполни со пофалби, при што многумина истакнаа дека со 10 евра во Албанија добиваш вистинска вредност – барем во дел од понудата. Овој тренд само дополнително ја позиционира Албанија како атрактивна алтернатива за летен одмор на Балканот.