
Секој четврти смртен исход во Македонија е предизвикан од рак, втора водечка причина за смрт по болестите на срцето и крвните садови. Податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат континуиран раст на смртноста од малигни заболувања во последните 14 години, со стапка која се зголемила од 180 на 100.000 жители во 2010 година на 217 на 100.000 во 2024 година.
Мажите се посериозно погодени од оваа закана – најчеста причина за смрт меѓу нив е рак на бронхиите и белите дробови, со алармантни 71,3 смртни случаи на 100.000 мажи во 2024 година. Жените најчесто умираат од рак на дојка, чија стапка на смртност се зголемила од 30 на 100.000 во 2010 година на 39 на 100.000 во 2024 година.
Најтешко погодена е постарaта популација. Кај лица над 65 години, морталитетот останува висок – од 881 смртни случаи на 100.000 жители во 2010 година до 821 во 2024 година, што ја потенцира ранливоста на оваа возраст. Сепак, загрижувачки е и растот на смртноста кај лицата помлади од 65 години, кои иако сè уште имаат пониски стапки, се изложени на зголемен ризик.
Овој алармантен тренд ја истакнува неопходноста од системска превенција, редовни прегледи и подобрување на пристапот до здравствени услуги. Светскиот ден за рак, кој се одбележува на 4 февруари, нуди глобален повик за акција: со навремена дијагноза и промена на животните навики, многу од овие трагедии можат да се спречат.























