УТРО.мк

Студија: Вештачката интелигенција ја намалува довербата на пациентите во лекарите

Студија: Вештачката интелигенција ја намалува довербата на пациентите во лекарите
Vero

Лекарите кои користат вештачка интелигенција во својата работа се перципираат како помалку компетентни, доверливи и емпатични, покажува нова студија на психолози од Универзитетот во Вирцбург и универзитетската болница Шарите во Берлин.

Истражувањето, објавено во списанието JAMA Network Open, опфатило 1276 возрасни лица од САД, кои биле замолени да гледаат реклами за медицински ординации и да ги оценуваат прикажаните лекари. Единствената разлика меѓу групите била во тоа дали во рекламата се спомнува дека лекарот користи вештачка интелигенција — за административни, дијагностички или терапевтски цели — или не.

Дури и кога AI не се користела за медицински одлуки, туку само за административни задачи, перцепцијата на пациентите за лекарот се влошувала.

Страв од „слепо следење“ на технологијата

Авторите на студијата — Мориц Рајс и Вилфрид Кунде од Универзитетот во Вирцбург и Флоријан Рајс од Институтот за медицинска информатика при Шарите — веруваат дека една од причините за негативниот став е стравот дека лекарите можат слепо да ги следат препораките на AI системите.

Иако вештачката интелигенција добива сè поголема улога во модерната медицина, довербата меѓу пациентот и лекарот останува клучна за успешно лекување, предупредуваат истражувачите.

Што треба да прават лекарите?

„Кога лекарите ги информираат своите пациенти дека користат AI, треба да нагласат дека таа не ја заменува нивната експертиза, туку им помага — особено во административни задачи, што пак им остава повеќе време за пациентите“, се наведува во соопштението.

Заклучокот на авторите е дека, доколку се користи транспарентно и етички, вештачката интелигенција би можела да го направи здравствениот систем похуман, а не пооддалечен од луѓето.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран