Секојдневното консумирање на само две чаши сок од цвекло може значително да го намали крвниот притисок и со тоа да го намали ризикот од срцев и мозочен удар, покажува најновото истражување на Универзитетот во Ексетер. Истражувачите утврдиле дека кај лица постари од 70 години, притисокот паднал до здрави граници по само две недели редовно консумирање на овој едноставен и достапен пијалак.
Цвеклото како природен лек
Цвеклото е богато со природни нитрати, кои во телото се претвораат во азотен оксид – супстанција што ги опушта крвните садови и го подобрува протокот на крв. Професорката Ани Ванхатало вели дека со возраста телото произведува сè помалку азотен оксид, што го прави внесувањето на вакви состојки преку храна особено важно за здравјето на срцето.
„Луѓето не треба да ја потценуваат моќта на зеленчукот како цвекло, спанаќ, рукола, целер и кељ. Богатството со нитрати има долгорочни здравствени придобивки“, изјави Ванхатало.
Што точно откри студијата?
Во шестнеделното истражување учествувале 18 луѓе – девет на возраст од над 70 години и девет помлади од 22. Испитаниците пиеле концентриран сок од цвекло или плацебо во два периоди од по десет дена. Научниците го следеле крвниот притисок, азотниот оксид во крвта, здравјето на артериите и микробиомот во усната шуплина.
Резултатите биле изненадувачки: постарите лица имале значително намален крвен притисок, како и подобрен микробиом – намалување на штетната бактерија prevotella и зголемување на корисната Neisseria, која го поддржува кардиоваскуларното здравје.
Помага и против деменција?
Истото истражување покажа дека сокот од цвекло може да го подобри протокот на крв во мозокот, со што се намалува ризикот од деменција. Претходни истражувања дури укажуваат дека може да го забави развојот на Алцхајмерова болест.
Силен сојузник во борбата против холестеролот
Се верува дека цвеклото и сличниот зеленчук помагаат во елиминација на лошиот ЛДЛ холестерол, кој предизвикува затнување на артериите. Само во Велика Британија, над 6 милиони луѓе страдаат од проблеми со висок холестерол, што секојдневно доведува до 270 хоспитализации поради срцев удар.
Ова истражување повторно потсетува дека одговорите за долгорочно здравје често се кријат во едноставни, природни решенија – достапни за само неколку евра.