
По три дена исполнети со традиционални вкусови, музика, дегустации и дружење, во Гевгелија заврши четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Taste the South“, кој се одржа со поддршка од Општина Гевгелија.

Од 11 до 13 септември, Mega Shopping Park беше место на средба на посетители од различни генерации. Се доаѓаше за локалните специјалитети и македонските вина, се остануваше за музиката, а фестивалските денови поминаа во дружење, песна и танц.
Првата вечер мирисаше на печени пиперки и свежо подготвен ајвар. Посетителите имаа можност да ја проследат подготовката, да дегустираат и да уживаат во традиционалниот вкус со кој во многу домови започнува есента.

Во неделата се подготвуваа и се дегустираа специјалитети од смокви, а посетителите можеа да ја проследат и традиционалната подготовка на ракија. Во фестивалската понуда учествуваа локални производители и македонски винарии, кои ги претставија своите производи пред публиката.
Во петок, на фестивалската сцена настапија ЗГУД „Негорци“ од Негорци, ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, Филип Стојанов, „Пауза за ракија“, „Куку Леле“ и „Брас Брадарс“.
Саботната програма ја отвори КУД „Танец“ од Миравци, а потоа настапија „Леге Артис“, Кико Болеро и „Болеро бенд“, „Нокаут“ и Игор Џамбазов и „Гуру Харе“.
Неделната програма започна со Школата за гитари и Школата за тапани при Пионерскиот дом. Следуваа настапите на Ансамблот „Бојмија“, танцовото студио „Мистик“, Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“, Наталија Данаилова и „Два Бона“.
Четвртото издание на фестивалот беше заокружено со концертот на Каролина Гочева, со кој заврши тридневната музичка и гастрономска програма.
Водители на фестивалот беа „Диверзија“ и Марко „Дај побрзај“, кои ја водеа публиката низ програмата во текот на трите фестивалски дена.
Општина Гевгелија и организацијата на фестивалот упатија голема благодарност до граѓаните, посетителите, изведувачите, учесниците, изложувачите, партнерите и поддржувачите кои беа дел од годинешното издание и придонесоа трите фестивалски дена да поминат во дружење, музика и добра атмосфера.
„Taste the South“ е фестивалски бренд на Општина Гевгелија, создаден за да ги претстави традиционалните вкусови, музиката и гостопримството на југот.

















