
Граѓаните на кои им недостигаат до две години пензиски стаж би можеле со сопствена уплата да го исполнат условот за старосна пензија, според предлог-измените на законската рамка што се во владина процедура.
Мерката ја најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, а би се однесувала на лица кои веќе не се во работен однос, имаат најмалку 13 години остварен стаж и ја достигнале возраста за пензионирање – 62 години за жени и 64 години за мажи.
Според најавите, би можел да се откупи недостиг од најмногу 24 месеци стаж.
Износот би се пресметувал врз основа на 50 проценти од просечната нето-плата во претходната година, на која би се применувала стапка на придонеси од 19,9 проценти.
Ако просечната нето-плата изнесува 45.000 денари, основицата би била 22.500 денари. Во таков пример, еден месец откупен стаж би чинел околу 4.478 денари, односно приближно 73 евра.
За максимални 24 месеци, сумата би изнесувала околу 107.460 денари, односно приближно 1.750 евра. Сепак, конечниот износ ќе зависи од параметрите што ќе бидат утврдени со законското решение, а според најавите може да достигне и околу 2.500 евра.
Од Министерството посочуваат дека висината на пензијата по исполнувањето на условот нема да биде иста за сите корисници. Таа ќе зависи од претходните примања, вкупниот остварен стаж и платите на кои лицето било пријавено во текот на работниот век.
Велковски се осврна и на вториот пензиски столб, при што ги отфрли шпекулациите дека се подготвува негово укинување или национализација.
Наместо тоа, се разгледува можноста за реконструкција на системот со цел негово зајакнување и обезбедување постабилни пензиски примања за идните пензионери.
Министерот посочи дека условите во кои бил воведен вториот столб пред околу две децении значително се разликуваат од денешните економски и демографски околности. Затоа се прават и споредбени анализи со европски земји кои применуваат слични пензиски модели.
Целта на предложените измени е да им се овозможи на граѓаните кои имаат мал недостиг од стаж полесно да го исполнат условот за пензионирање, но истовремено и да се обезбеди долгорочна стабилност на пензискиот систем.

















