Швајцарски милионер ќе плати казна од 95.500 евра, откако бил фатен како вози со 77 км/ч во зона ограничена на 50. Додека во повеќето европски земји вакво прекршување би чинело околу стотина евра, Швајцарија применува уникатен систем – висината на казната се утврдува според приходите на возачот.
Како што пренесува весникот 24 часа, станува збор за човек кој се наоѓа меѓу 300-те најбогати жители на земјата, со богатство проценето на неколку стотици милиони франци. Токму поради тоа, судот му изрекол парична казна од 90.000 франци (околу 95.500 евра).
Сепак, дел од износот е условен. Возачот ќе треба веднаш да плати 10.000 франци, додека преостанатите 80.000 ќе се наплатат само доколку во следните три години повтори тежок сообраќаен прекршок, пишува Autobild.
За споредба, во Германија за сличен прекршок максималната казна изнесува 843,50 евра – и тоа при надминување на ограничувањето од 70 км/ч во населено место.
Швајцарија не е единствената држава со ваков систем. Минатата година, еден Финец мораше да плати дури 121.000 евра за возење со 32 км/ч над дозволеното, бидејќи казната била пресметана според неговите високи приходи.
Во секој случај, во Швајцарија казната не зависи само од степенот на прекршувањето, туку и од големината на банкарската сметка на прекршителот.