Во срцето на Турција, во областа на древната престолнина на Хетитското царство Хатуша, археолозите полека откриваат тајни кои би можеле да го променат нашето разбирање за историјата на Блискиот Исток. На местото за светско наследство на УНЕСКО досега се очистени речиси 30.000 глинени плочки, а иако повеќето се напишани на хетитски, дел од нив открива – целосно нов јазик.
Јазик што исчезнал пред 3000 години
Пред само два месеци, експертите идентификувале каласмајски јазик, досега непознат идиом кој го зборувал народот од регионот Каласма на северозападот на царството. Се работи за јазик изгубен пред најмалку три милениуми.
„Историјата на Блискиот Исток од бронзеното време е само делумно разбрана – а откривањето на дополнителни документи на глинените плочки им помага на научниците значително да го прошрат своето знаење,“ истакна Даниел Швемер, професор на Универзитетот во Вирцбург и раководител на истражувањето.
Хетитите – пионери на мултикултурализмот
Хетитските владетели во 2. милениум пред нашата ера имале јасна визија: да ги зачуваат и вклучат традициите на подредените народи во поширокото царство. Царската администрација имала посебни оддели задолжени за собирање и запишување на религиозните обреди и обичаите на подредените народи – на нивните локални јазици. Целта? Да се зачува разновидноста и да се обезбеди стабилност на царството.
Колку јазици се криеја во минатото?
Досега се откриени најмалку пет јазици на плочките, но археолозите веруваат дека реално имало најмалку 30. Секоја нова плочка станува клуч за разбирање на сложениот мозаик на бронзеното време.
Историјата на Хетитите и денес носи порака – мултикултурализмот, зачувувањето на идентитетот и политичката стабилност се вредности за кои човештвото и натаму се бори.