Научниците од NASA со помош на вселенскиот телескоп JWST откриле необични темни структури во атмосферата на Сатурн, кои наликуваат на „перли“ и се потполно неочекувани. Овие форми се оддалечени едни од други, но можеби меѓусебно поврзани, и полека се движат низ јонизираната атмосфера на планетата.
Истражувањето било извршено со блискиот инфрацрвен спектрограф NIRSpec, кој ги следел позитивно наелектризираните молекули водик (H3+) во јоносферата и молекулите на метан во стратосферата. Покрај тоа, под нив е забележана асиметрична структура во облик на ѕвезда, која може да е поврзана со шестоаголната олуја на северниот пол на Сатурн.
„Резултатите беа целосно изненадување,“ изјави Том Сталард, професор по астрономија на Универзитетот Нортумбрија. „Овие карактеристики се целосно неочекувани и моментално не можат да се објаснат.“
Шестоаголната олуја на Сатурн е позната од 1980 година, а детално ја снимаше летелицата Cassini помеѓу 2004 и 2017 година. Структурата се протега во форма на торњ со ширина од 29.000 километри и ротира еднаш на секои 10 часа.
Научниците веруваат дека темните „перли“ може да произлегуваат од сложени интеракции меѓу магнетосферата на Сатурн и ротирачката атмосфера, што може да даде нови сознанија за енергијата што го предизвикува северното светло на планетата.
Следните набљудувања со JWST се планирани за да се разберат причините и влијанието на овие мистериозни структури, а најдобро време за тоа ќе биде на 21 септември, кога Сатурн ќе биде најблизу до Земјата.