Концертот на Наташа Беквалац, кој требаше да се одржи во Штип во Спортската сала Тошо Арсов на 27-ми декември, е одложен. Информацијата ја соопшти организаторот, кабаре Клик, а во појаснувањето кое објавија наведуваат дека не сакале да бидат дел од политички наративи и дебати, кои не биле во нивниот домен.
-Во изминативе денови околу планираниот концерт на Наташа Беквалац се создадоа дискусии и толкувања кои ја надминуваат рамката на она што ние како организатори го работиме – музика, забава и искуство за публиката.
Нашата визија никогаш не била да бидеме дел од политички наративи, анализи или дебати кои не се во нашиот домен. И токму затоа, со целосна почит кон сите страни и со желба се да остане во духот на позитивната енергија, донесовме одлука концертот да го одложиме, искатнуваат од организацијата.
Од таму додаваат дека сакаат настанот да се случи во време и услови кога единствен фокус ќе биде уметноста, емоцијата и атмосферата, а не теми кои не припаѓаат на светот на забавата.
-Нашата публика заслужува чисто и убаво искуство – без врева, без превирања и без дополнителни толкувања. Оваа одлука ја носиме зрело и одговорно, со желба да создадеме вечер што ќе биде паметена по музика, а не по околностите, порачаа од кабарето.
Инаку, на концертот на Беквалац беа најавени и музичките гости Жаре Бербер и диџеј Нело.



























