
Објавена е програмата за годинашното издание на Ohrid Wine Festival Vol. 5, кое од 25 до 27 јуни ќе се одржи на Кеј Македонија, пред хотел Палас во Охрид. Петтото издание на фестивалот носи три вечери со музичка програма, винска и гастро понуда и содржини што ќе го раздвижат кејот во еден од најпосетените периоди од летото.
Во пресрет на фестивалот, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати повик до охриѓани, туристите, посетителите и сите љубители на виното, музиката и убавите летни вечери да бидат дел од годинашното издание.

„Охрид е град кој секогаш има што да понуди, но ваквите настани дополнително ја збогатуваат туристичката слика и создаваат нови причини за посета. Ги повикувам сите љубители на виното, музиката и убавите летни вечери да ни се придружат на Кеј Македонија и да бидат дел од оваа фестивалска приказна“, порача градоначалникот Кирил Пецаков.
Според програмата, првата вечер, на 25 јуни, ќе настапат Група Сарај во 20:00 часот, Дани Димитровска во 22:00 часот и Меморија во 23:30 часот.
На 26 јуни, програмата продолжува со Брос Марама во 20:00 часот, Ѓоко Ѓорчев со Кате Танева во 21:30 часот, Куку Леле во 23:00 часот и Пауза за ракија во 00:30 часот.
Финалната вечер, на 27 јуни, е резервирана за Солзи и Смеа во 20:00 часот, DJ DJ Fic во 21:00 часот, Битолски камерен оркестар во 22:30 часот и Суперхикс во 00:15 часот.
Во пресрет на фестивалот, организаторите најавуваат содржина создадена за публика која сака да го доживее Охрид и преку музика, вино и гастро вкусови. Трите фестивалски вечери ќе понудат програма за различни генерации и уште една причина Кеј Македонија да биде дел од летната рута на посетителите.
Ohrid Wine Festival Vol. 5 ќе се одржи од 25 до 27 јуни на Кеј Македонија, пред хотел Палас во Охрид.
















