
Музиката на Тоше Проески повторно добива ново издание на винил. Хит Рекордс од Загреб го објави ексклузивното двојно LP издание „The Very Best of Toše Proeski“, во кое се сместени 16 песни што ја одбележаа неговата кариера.
На изданието се најдоа дел од неговите најпознати хитови, меѓу кои „Игра без граници“, „Једина“, „Чија си“, „Боже, брани ја од зла“, „Пратам те“, „Срце није камен“ и „Несаница“.
Главниот уредник на Хит Рекордс, Мирослав Рус, вели дека изданието има посебно значење за него, имајќи го предвид и неговото лично пријателство со Тоше Проески и нивната долгогодишна соработка.
„За мене ова е посебен момент. Да се работи на издание на голем уметник пред сè е чест, а со оглед на нашето пријателство дури и обврска“, изјави Рус.
Посебно внимание е посветено на изгледот на двојното винилно издание. Дизајнот е дело на Игор Келчец, а изданието содржи портрети и колаж од приватни и професионални фотографии од животот и кариерата на Тоше.
Песните се адаптирани за винилниот формат, со што познатите композиции добиваат поинакво звучно доживување.
И речиси две децении по неговото прерано заминување, музиката на Тоше Проески продолжува да живее и да допира до публиката во целиот регион. Новото двојно винилно издание е уште еден начин неговите безвременски песни да останат присутни и за новите генерации.















