
Во чест на Денот на независноста на Македонија, 8 Септември, една од фонтаните во центарот на Загреб беше осветлена во боите на македонското знаме.
На овој начин, во хрватската престолнина беше одбележан значајниот македонски празник, испраќајќи симболична порака за пријателството и блиските врски меѓу двете земји.
Одбележувањето продолжи и со културна програма. Македонскиот културен центар во Загреб истата вечер го отвори првиот патувачки Фестивал на македонски филм.
Фестивалот, како што беше посочено, не е само културен настан, туку и начин преку филмската уметност да се прослави независноста на Македонија, како и долгогодишниот стремеж за создавање сопствена држава.
Со филмската програма македонската култура и кинематографија добија можност да бидат претставени пред публиката во Загреб, токму на денот кога Македонија ја одбележува својата независност.
Вечерта во Загреб беше симболично заокружена со македонските бои на фонтаната – потсетник дека македонската култура и традиција продолжуваат да се претставуваат и надвор од границите на земјата.

















