Моментот кога 39-годишниот Вејд Венчур од Калифорнија првпат ги отвори вратите на напуштената складишна единица ќе го памети засекогаш.
Вејд ја купи складишната единица на онлајн аукција за околу 1.600 евра, без да претпостави што се крие зад заклучените врати. Ризикот што го презеде се покажа како една од неговите најдобри одлуки досега.
Изненадување во димензии 3 x 6 метри
Во складиштето се криеше вистинско богатство за љубителите на носталгијата и поп-културата: околу 1.000 ретки Pokémon картички, гејминг конзоли од претходните генерации како PlayStation, Xbox и Nintendo 64, како и голема количина класични видео игри. Според првичните проценки, вкупната вредност на пронајдените предмети достигнува до 68.000 евра.
Вејд веќе речиси една деценија се занимава со препродавање на содржината од напуштени складишта и тврди дека досега обработил околу 2.000 единици. Сепак, овој „улов“ за него беше еден од најнеобичните и најисплатливите.
Брза заработка и уште поголем потенцијал
Само од продажба на неколку ретки Pokémon картички заработи над 4.900 евра, речиси тројно повеќе од почетната инвестиција. Повеќето од колекцијата сè уште не е ставена на продажба – досега продаде само околу пет проценти од материјалот, што значи дека потенцијалната заработка продолжува да расте.
Картичките се во извонредна состојба, а Вејд поседува околу 600 од нив, додека за највредните примероци сè уште чека проценки. Познат е на социјалните мрежи како @wadesventures, каде преку редовни објави од светот на препродавањето на складишни единици привлекува многу следбеници.
Од неуспех до успех
Вејд признава дека неговиот прв обид бил целосен неуспех, но тоа не го одврати од намерата. Првата голема пресвртница се случи кога купи складиште за само 360 евра, во кое пронајде голема количина дизајнерска облека, обувки и чанти, од кои голем дел сè уште носеа оригинални цени.
Меѓу најдрагоцените пронајдоци беа 400 пара женски дизајнерски чевли, а вкупната вредност на тие предмети изнесуваше околу 65.000 евра. Оттогаш неговиот бизнис функционира како подмачкан.
Заедно со сопругата Ешли, која неодамна му се приклучи во бизнисот, поставија амбициозна цел за 2025 година – остварување приход над милион долари.
Интересно е што складиштето со Pokémon картичките се наоѓаше само пет минути од неговиот дом. „Имав неверојатна среќа“, вели Вејд, кој верува дека ова е само почеток на поголеми успеси.