
Круме Спасовски од Куманово по нешто повеќе од една година живот во Германија, заедно со сопругата и ќерката, одлучи да се врати во Македонија, посочувајќи дека осаменоста, системот и недостигот од социјален живот биле пресудни.
Круме Спасовски (32) од Куманово, брат на модната креаторка Ива Спасовска, по повеќегодишен живот во Скопје и нешто повеќе од една година помината во Германија, заедно со сопругата и ќерката донел одлука да се врати и трајно да го продолжи животот во Македонија, пренесува Црнобело.
Од Скопје до Германија – и назад дома
Спасовски уште во трета година средно образование се преселил во Скопје, каде што ја запознал и сопругата Јулијана. Иако голем дел од семејството живее во главниот град, во 2024 година, во потрага по подобар живот, двајцата се преселиле во Германија. Таму најпрво живееле во Фирт, а подоцна и во Нирнберг, каде што престојувале до септември 2025 година, по што решиле да се вратат во татковината.
„Социјалниот живот и чувството на осаменост беа пресудни“
Круме вели дека Германија ја доживеал поинаку кога почнал реално да живее таму. Недостигот од социјален живот, чувството на осаменост, оддалеченоста од семејството, строгите правила и нефлексибилниот систем биле клучни причини за враќањето. Како дополнителни фактори ги наведува климата, високите трошоци, административните процедури и, како што истакнува, разочарувачкото искуство со здравствениот систем.



























