
Бран незадоволство ја преплави грчката јавност по инцидентот што се случи на традиционална празнична манифестација во Лерин (Флорина), каде музиката стана повод за жестока политичка и општествена расправа.
Среде концерт, без претходна најава, настапот на бендот „Banda Entopica“ беше прекинат откако музичарите изведоа песна на словенски, локален говор познат како „ентопика“. Наместо аплауз, на сцената следуваше хаос – вербални напади, турканици и закани со полиција.
Во јавно обраќање, членовите на бендот тврдат дека лично градоначалникот на Лерин, Василис Јаннакис, се вмешал во настапот, барајќи да престанат со „такви песни“ во, како што наводно рекол, „неговиот град“. Според нив, интервенцијата била проследена со навреди и обид насилно да се прекине концертот.
„Banda Entopica“ потенцира дека нивниот репертоар опфаќа повеќе балкански јазици и дека никогаш не изведуваат содржини со националистичка или говор на омраза. Тие нагласуваат и дека од околу 2.000 присутни, само мал број реагирале негативно, додека мнозинството останало да ужива во музиката и атмосферата.
Инцидентот предизвика бран солидарност и од грчката музичка сцена. „Сојузот на музичари од Северна Грција“ остро го осуди прекинот на концертот, оценувајќи го како недозволиво и понижувачко однесување кон уметници на нивното работно место. Од таму побараа јавно извинување од надлежните општински структури и најавија институционална и правна поддршка за бендот. Дел од македонските медиуми оваа реакција ја пренесоа како став на „панхеленска“ музичка асоцијација, што дополнително ја зголеми видливоста на случајот.



























