
На денешната редовна 140-та седница, Владата го усвои новиот Закон за јавно обвинителство, еден од клучните столбови на реформската агенда во Област 5 – Фундаментални вредности, со акцент на владеење на правото. Со овој потег, државата прави значаен исчекор кон градење на силно и транспарентно обвинителство, како гарант за заштита на јавниот интерес.
Законот е плод на детална анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики, што ја зацврстува позицијата на јавното обвинителство како независна и професионална институција.
Една од најзначајните новини во законот е измената на процедурата за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Сега критериумите за избор се јасно дефинирани, а процесот е транспарентен, мерит-базиран и ослободен од политички влијанија. Со тоа се обезбедува дека најквалитетните кандидати ќе бидат избрани исклучиво според стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Законот исто така воведува обврзувачки рокови за избор и унапредување на обвинителите, како и принцип на категоризација на дисциплинска одговорност. Овие мерки носат поголема предвидливост, функционалност и одговорност во работењето на обвинителството, што директно ја зголемува довербата на граѓаните во институциите.
„Усвојувањето на овој закон е конкретен доказ за нашата определба да градиме независни, професионални и силни институции кои се во служба на граѓаните и владеењето на правото“, изјавија од Владата, нагласувајќи дека реформите во правосудството остануваат еден од највисоките приоритети на државата во процесот на евроинтеграција.



























