По објавата дека овогодишното издание на фестивалот „Exit“ ќе биде последно што се одржува во Србија, организаторите потврдија дека од 2026 година музичкиот спектакл ќе се пресели во Египет – токму пред прочуените пирамиди.
Во последните недели на социјалните мрежи кружеа шпекулации за можната нова локација, а сега е потврдено дека е потпишан договор со египетска компанија за организација на фестивалот. Деталите за овој нов проект ќе бидат јавно претставени по завршувањето на овогодишната прослава на 25-годишнината од постоењето на „Exit“.
Организаторите објаснија дека причината за напуштањето на Србија се силните финансиски и политички притисоци, кои започнале откако јавно ја поддржале студентската борба за слободно и праведно општество. Поради тоа, целосно им било ускратено јавното кофинансирање, без кое, како што велат, во Србија не може да се одржи фестивал од такви размери.
„Слободата нема цена. Не прифаќаме да бидеме замолчени“, соопштија од „Exit“.
Јубилејното издание на фестивалот започнува денес во Нови Сад и ќе трае до 13 јули, а ќе биде одбележано заедно со студентите како симбол на отпор и слобода.