
Во координирана операција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи, разбиена е мрежа за нелегален увоз и дистрибуција на медицински препарати наменети за естетски третмани. Во акцијата, спроведена во Скопје, Струмица и Битола, приведени се вкупно 14 лица.
Меѓу осомничените се и медицински лица од јавни здравствени установи, меѓу кои и од Клиниката за дерматологија во Скопје и „8 Септември“, како и сопственици на приватни ординации. Дел од приведените се поврзуваат со организација на нелегален транспорт, внес и понатамошна дистрибуција на ботокс и филери без соодветна дозвола и регулаторна контрола.
Според сомневањата, групата делувала организирано и е осомничена за повеќе кривични дела, меѓу кои злосторничко здружување, злоупотреба на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓо име и примање поткуп. Во случајот се опфатени и шест правни субјекти.
По одлука на судските органи, шестмина од приведените завршија со ефективен затворски притвор, четворица се во куќен притвор, додека на останатите им се изречени мерки на претпазливост.
Што претставува ботокс
Ботоксот е еден од најкористените нехируршки естетски третмани во светот, познат по својот ефект на измазнување на брчките и подмладување на лицето и вратот. Освен во козметичката медицина, се применува и за третман на прекумерно потење.
Суштината на неговото дејство лежи во привремено опуштање на мускулите. На овој начин се намалува нивната активност, со што кожата изгледа порамна и се спречува формирање на нови линии и брчки.
Активната супстанца потекнува од бактеријата Clostridium botulinum, но во медицинска употреба се користи високо прочистена и строго контролирана форма во минимални дози. Таа делува така што ја блокира комуникацијата меѓу нервите и мускулите, спречувајќи нивно контрахирање.
Постапката се изведува со ситни инјекции, трае околу 15 минути и се смета за релативно едноставна. Иако е безбедна кога се изведува од стручно лице во лиценцирана установа, можни се краткотрајни несакани ефекти како благи модринки, оток или главоболка во првите денови.
Што се хијалуронски филери
Филерите претставуваат гел-супстанции базирани на хијалуронска киселина: природна состојка која нормално се наоѓа во човечкото тело, особено во кожата.
Со текот на времето, количината на хијалуронска киселина во организмот се намалува, што доведува до губење на волумен и појава на брчки. Филерите се користат за надоместување на оваа загуба, враќајќи и пополнетост и свежина на кожата.
Покрај естетскиот ефект, тие придонесуваат и за подобра хидратација и општ квалитет на кожата. Апликацијата се врши преку инјектирање на гелот во таргетирани зони, при што постапката трае од 10 до 30 минути.
Третманот генерално се смета за безбеден кога се изведува во контролирани услови, а алергиските реакции се ретки бидејќи супстанцата е биокомпатибилна со човечкиот организам.
По интервенцијата, може да се појават привремени реакции како црвенило, лесен оток или модринки, кои најчесто исчезнуваат во рок од неколку дена.























