
Во развојот на ветерниот парк „Гвозд“ е достигната нова значајна етапа, соопшти Електродистрибуцијата на Црна Гора, откако започна пробната работа на првиот ветерен генератор од проектот.
По завршувањето на клучните инфраструктурни зафати, пуштањето во функција на трафостаницата „Гвозд“, реконструкцијата на „Крново“ и изградбата на далеководот „Гвозд–Крново“, првиот од вкупно осумте ветерни агрегати е веќе синхронизиран со електроенергетскиот систем и испорачува електрична енергија.
Станува збор за турбина со моќност од 7 MW, која веќе произведува први киловат-часови и ги внесува во мрежата на Црна Гора. Со целосна реализација на проектот, ветерната електрана ќе располага со инсталиран капацитет од 54,6 MW и ќе обезбедува околу 150 GWh годишно производство, што се оценува како значаен придонес кон стабилноста на системот и забрзување на зелената енергетска транзиција.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку кредитна линија вредна 82 милиони евра. Во наредниот период се очекува постепено приклучување и на останатите седум ветерни генератори, со што ветерниот парк ќе премине во целосен оперативен режим.
Официјалното пуштање во работа на ветерната електрана „Гвозд“ е најавено за средината на мај, кога се очекува и свечена церемонија за одбележување на проектот.























