
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, коментирајќи ја одлуката на Апелацискиот суд поврзана со предметот „27 април“, повторно го отвори прашањето за правната и политичката позадина на процесот.
Тој оцени дека случајот претставува класичен пример на, како што рече, политички мотивирано судење спроведено во времето на претходната власт, при што дел од обвинетите неправедно биле третирани како терористи.
„Луѓе кои не се терористи завршија со таква квалификација, иако во суштина станува збор за различни прекршоци за кои мора да постои одговорност“, истакна Мицкоски, додавајќи дека не се спорни само квалификациите, туку и начинот на кој бил воден целиот процес.
Во својата изјава тој се осврна и на сведочењата на дел од обвинители и судии, кои, според него, укажуваат на постоење на наводно наместени постапки, притисоци и уцени во правосудниот систем.
Мицкоски порача дека државата нема да може да напредува без расчистување на, како што ги нарече, двата клучни случаи – улогата и постапувањето на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и околностите околу настаните од „27 април“.
„Сè додека овие прашања не добијат јасен и недвосмислен одговор, тешко дека можеме да зборуваме за целосна правна завршница“, порача тој, нагласувајќи дека останатите аспекти од случајот треба да се остават во рамките на институциите на правдата.























