
Неверојатна приказна од Италија – добитен лотариски билет вреден еден милион евра бил фрлен во отпад, но благодарение на брзата реакција на комуналните работници и упорноста на сопственичката, наградата сепак била спасена.
Жената отишла во локална продавница за да го провери билетот, но автоматот покажал дека наградата не може да се исплати во тој објект, бидејќи помалите продавници имаат ограничување за исплата на поголеми добивки. Погрешно мислејќи дека билетот не е добитен, таа го оставила во продавницата, каде што подоцна бил фрлен во ѓубре.
Ситуацијата се променила кога член од нејзиното семејство ја известил дека токму броевите што таа редовно ги избирала биле извлечени како добитни. Веднаш се вратиле во продавницата, но билетот веќе бил однесен со отпадот.
Следејќи го камионот за ѓубре, успеале навреме да го пронајдат и запрат возилото. Поради безбедносни причини, отпадот бил префрлен во специјализирана компанија, каде работници цел ден пребарувале низ отпадот.
По долго пребарување меѓу сметки, белешки и други фрлени предмети, добитниот билет бил пронајден – целосно недопрен.

















