
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ порача дека улогата на хрватската војска и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) била клучна за постигнувањето на Дејтонскиот мировен договор, оценувајќи дека без нивната интервенција немало да дојде до завршување на војната во Босна и Херцеговина.
Во говорот на централната прослава во Книн по повод годишнината од воената операција „Олуја“, Милановиќ им оддаде почит на хрватските бранители и истакна дека ветераните се најрелевантните сведоци на воените настани.
„Немаше да има Дејтон без хрватската војска, без гардиските бригади и ХВО. Тоа е историски факт“, изјави Милановиќ, додавајќи дека дејствувањето на хрватските сили било координирано со американските сојузници.
Осврнувајќи се на регионалната безбедност, хрватскиот претседател предупреди дека забрзаното вооружување на Србија создава нови предизвици за Хрватска и регионот.
„Кога Србија се вооружува, мора да се запрашаме колку тоа ќе нè чини и дали станува збор за фер игра“, рече Милановиќ, посочувајќи дека зголемените воени буџети можат да влијаат врз средствата за други сектори како здравството и образованието.
Тој нагласи дека Хрватска треба да се фокусира на сопствените интереси и да не реагира на секоја изјава што доаѓа од Белград, но истовремено да ја следи безбедносната состојба во соседството.
Во говорот тој се осврна и на иднината на хрватската армија, оценувајќи дека современите безбедносни предизвици бараат прилагодување и модернизација. Посебно го истакна началникот на Генералштабот Тихомир Кундид, за кого рече дека има директно командантско искуство во борбени операции.
Милановиќ порача дека воените успеси не се постигнуваат само со сила, туку и со стратегија, организација и правилни одлуки во клучни моменти.

















