Британскиот парламент во моментов расправа за нов закон со кој локалните самоуправи би добиле овластување да воведуваат туристички давачки, што би му овозможило на градоначалникот на Лондон, Садик Кан, да имплементира туристички данок, објави Би-Би-Си.
Проценките покажуваат дека ваквата мерка би ѝ донела на британската престолнина до 240 милиони фунти годишно. Лондон минатата година имал дури 89 милиони ноќевања од странски посетители, а градоначалникот одамна бара поголеми надлежности за воведување ваков вид приход.
Шкотска и Велс веќе усвоија модели на туристички даноци. Во Велс, од следната година ќе се наплаќа 1,30 фунти по ноќевање, наведува британскиот јавен сервис.
Англија засега останува единствената земја во Г7 која не им дозволува на локалните власти да воведуваат туристички давачки, но новиот предлог-закон може да ја смени таа практика.























