УТРО.мк

Експериментална mRNA вакцина ветува универзален одговор против рак

Експериментална mRNA вакцина ветува универзален одговор против рак
Vero

Научници од Универзитетот во Флорида развија експериментална mRNA вакцина која покажува ветувачки резултати во борбата против различни видови рак, отворајќи можност за создавање универзална вакцина што би го „разбудила“ имунолошкиот систем да ги препознае и уништи туморските клетки.

Како што пренесува списанието Nature Biomedical Engineering, вакцината, во комбинација со современите имунотерапевтски лекови како инхибиторите на контролни точки (PD-1), резултирала со силен антитуморски одговор кај лабораториски глувци. За разлика од постојните пристапи кои таргетираат специфични протеини или се персонализирани според пациентот, новата вакцина делува на поинаков принцип – активирање на општ имунолошки одговор, сличен на оној што телото го има при вирусна инфекција.

„Вакцината не е дизајнирана за конкретен вид рак, туку ја стимулира одбранбената реакција на телото. Таа може да се комбинира со други терапии или, во одредени случаи, да делува самостојно и целосно да го елиминира туморот“, изјави д-р Елијас Сајур, педијатриски онколог и главен автор на студијата.

Претходните испитувања на истиот тим вклучувале персонализирана mRNA вакцина против глиобластом, агресивен тумор на мозокот, која предизвикала силен имунолошки одговор кај пациентите. Но, најновите истражувања отидоа чекор понатаму – употребија „генерализирана“ вакцина, без специфични таргети, што доведе до импресивни резултати дури и кај тумори отпорни на терапија.

Експериментите биле спроведени врз глувци со меланом, рак на коски и рак на мозок. Кај некои од нив, само вакцината била доволна да го излечи ракот. Истражувачите сметаат дека таа ги активира Т-клетките – клучните ќелии на имунитетот – кои потоа ги напаѓаат канцерогените клетки.

„Ова може да биде универзален пристап за будење на имунолошкиот одговор кај пациентите со рак“, вели коавторот д-р Дуан Мичел, додавајќи дека резултатите се силен доказ за концептот на „универзална вакцина против рак“.

Истражувачкиот тим веќе работи на усовршување на формулата и подготовка на пошироки клинички испитувања врз луѓе, со цел новиот метод што побрзо да стане достапен за пациентите.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран