
За многумина, шолјата кафе е незаменлив дел од денот, а токму пената и ситните меурчиња на површината често се сметаат за знак дека кафето е свежо и добро подготвено. Но експертите предупредуваат дека не секоја пена е безопасна и дека одредени промени на површината на кафето можат да укажуваат дека напитокот веќе не е квалитетен за консумирање.
Според стручњаците, посебно внимание треба да се обрне ако на кафето се појави густа белузлава пена со големи меурчиња што долго остануваат на површината или се собираат по рабовите на шолјата. Таквата појава не е знак на добро кафе, туку може да укажува дека зрната изгубиле свежина или дека напитокот бил подготвен со премногу жешка вода.
Од друга страна, тенката златно-кафеава пена која брзо исчезнува се смета за нормална и најчесто е показател дека кафето е правилно подготвено.
Експертите објаснуваат дека кога кафето долго стои, природните масла во зрната почнуваат да оксидираат. Поради тоа, кафето постепено ја губи аромата, добива непријатен вкус и може да создаде таканаречена „сапунеста“ пена на површината.
Токму ваквото кафе, предупредуваат нутриционистите, кај чувствителни луѓе може да предизвика печење во желудникот, мачнина, надуеност, горушица или чувство на тежина уште по неколку голтки.
Причината е што оксидираните масла и соединенија можат да делуваат иритирачки врз желудочната слузница. Кога на тоа ќе се додаде и кофеинот, се зголемува лачењето на желудочна киселина, што дополнително може да ги влоши симптомите кај луѓето со чувствителен желудник.
Истражување објавено во научното списание „Nutrients“ покажува дека одредени соединенија во кафето можат да го забрзаат празнењето на желудникот и да ја поттикнат киселоста, што кај некои луѓе предизвикува дигестивни проблеми.
Постојат неколку јасни знаци дека кафето можеби не треба да се пие. Освен белата и густа пена со големи меурчиња, предупредувачки сигнал е и кисел или непријатен мирис наместо препознатливата арома на свежо кафе. Дополнително, горчлив, метален вкус или чувство на печење во грлото по првата голтка може да укажуваат дека кафето е со лош квалитет.
За да се избегнат вакви проблеми, експертите советуваат кафето да се купува во помали пакувања кои ќе се потрошат во рок од еден месец, а да се чува во добро затворен сад, заштитен од светлина и влага. Не се препорачува чување во фрижидер бидејќи кафето лесно впива мириси и влага.
Многу важна е и температурата на водата. По зовривањето, се препорачува да се почека околу 10 до 15 секунди пред водата да се истури врз кафето, бидејќи превисоката температура може да го наруши вкусот и квалитетот на напитокот.
Експертите потсетуваат и дека апаратите за кафе и филтрите мора редовно да се чистат, бидејќи остатоците од стар талог брзо се расипуваат и влијаат врз вкусот и квалитетот на следната шолја кафе.
















