Денес е Света Петка – Летна: Ден исполнет со вера и чудотворни преданија
На 8 август православните верници го одбележуваат празникот Света Петка – Летна. Во Скопје, нејзиното име го носи црквата во долниот дел на населбата Црниче. Света Петка била од словенско потекло, родена во градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград, во побожно и имотно христијанско семејство. По смртта на родителите, заминала во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде со години се подвизавала во пост и молитва.
Во поодминати години се вратила во родниот Епиват, каде живеела уште две години пред да се упокои во Господа, во XI век. Нејзините мошти, сметани за чудотворни, во текот на вековите биле пренесувани на повеќе места, а денес почиваат во градот Јаши, Романија.
Култот кон Света Петка е длабоко вкоренет меѓу македонскиот народ. Таа се почитува како заштитничка од несреќи и болести, а често е нарекувана Мајка Параскева. Многу лековити извори низ земјата го носат нејзиното име – Петочни води. Празникот, познат и како Петковден, се чествува во бројни македонски семејства со домашни служби, гостољубие и обичаи.
Именден денес празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка и други.
Православната црква чествува три светици со името Параскева – Петка, па често во народните преданија се мешаат нивните животописи. Најпозната е Света Петка Епиватска, нарекувана и Трновска, чиј спомен се слави на 27 октомври (14 октомври по стариот календар). Името Параскева на грчки значи „подготовка“ – денот пред саботата, кој во старозаветната традиција бил ден за приготвување пред празникот.
Според старите верувања, жените на овој ден не требало да месат леб, да перат, да шијат или да изнесуваат пепел, за да ги заштитат рацете од трнење во текот на целата година.