Грејпфрутот може да биде смртоносен со одредени лекови: Експертите предупредуваат на опасна комбинација
Лица кои редовно земаат терапија за висок крвен притисок, срцеви заболувања, депресија, канцер или антибиотици треба да внимаваат на исхраната – особено кога станува збор за грејпфрут. Според истражувањето на Универзитетот Онтарио, оваа овошка содржи хемиски соединенија наречени фуранокумарини кои значително го менуваат дејството на лековите во организмот.
Фуранокумарините ја блокираат активноста на ензимите во тенкото црево кои се задолжени за разградување на одредени лекови. Како последица, нивната концентрација во крвта може драстично да се зголеми – дури до трипати – што доведува до токсични ефекти врз телото.
„Една таблетка земена со чаша сок од грејпфрут може да биде еквивалент на десет таблети земени со вода“, вели д-р Дејвид Бејли, раководител на истражувањето. „Пациентите најчесто не се свесни за оваа интеракција, а токму таа може да направи терапијата да стане смртоносен коктел.“
Покрај грејпфрутот, сличен ефект имаат и севиљските портокали, како и лиметата. Истражувачите апелираат овие овошки да се избегнуваат доколку се земаат лекови кои се подложни на вакви интеракции.
Дополнително, истражувањето укажува дека несаканите последици може да се појават и ако грејпфрут или неговиот сок се консумираат неколку часа пред или по земање на лекот. На пример, сокот испиен за појадок може да влијае на лекот земен попладне.
Еден претходен експеримент покажал дека дневна доза од 200 мл сок од грејпфрут, земена три дена по ред, ја зголемила концентрацијата на симвастатин – еден од најчесто препишуваните статини – за дури 330 отсто.
Здравствените експерти потсетуваат дека не е секој лекар свесен за овие интеракции, а пациентите ретко споделуваат детали за навиките во исхраната. Токму затоа, свеста за опасните комбинации помеѓу овошјето и лековите мора да се подигне – за здравјето на пациентите да не биде несвесно загрозено.