УТРО.мк

99 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – визионерот на македонската национална мисла

99 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – визионерот на македонската национална мисла
Vero

Денес се навршуваат 99 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од најзначајните македонски дејци, кој со своето дело и живот остави длабока трага во историјата на македонската национална афирмација.

Мисирков починал на 26 јули 1926 година во Софија, Бугарија, но неговата идеја за македонскиот јазик и идентитет сè уште живее и инспирира генерации. Роден бил на 18 ноември 1874 година во селото Постол, Егејска Македонија (денешна Грција), а се школувал во Србија, Бугарија и Русија. Токму образованието и животот во повеќе држави му овозможиле да ја согледа сложената геополитичка состојба околу Македонија и стремежите на соседните земји кон нејзината територија и народ.

Во 1903 година, на само 29-годишна возраст, Мисирков ја објави книгата „За македонцките работи“ – капитално дело во кое, првпат на научен и политички начин, е афирмирана идејата за посебноста на македонскиот народ и потребата од стандардизација на македонскиот јазик.

Мисирков бил филолог, лингвист, публицист, историчар, етнограф, дипломат и активен борец за македонската национална кауза. Неговата визија за самобитна македонска држава и култура во време на империјални поделби и асимилаторски политики го поставуваат како еден од темелните столбови на македонската историја.

По речиси еден век од неговото заминување, Крсте Петков Мисирков останува симбол на просветителството, патриотизмот и научниот пристап кон националната борба. Вечна слава на неговото дело и животна мисија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран