Со концерт на легендарната група „Леб и сол“ на античкиот локалитет Хераклеја, синоќа свечено беше отворено 17. издание на Битолското културно лето — БИТ ФЕСТ. Настанот го означи и почетокот на јубилејната турнеја на групата, која слави 50 години на музичката сцена.

Фестивалот официјално го отвори градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој во своето обраќање пред бројната публика нагласи дека БИТ ФЕСТ е манифестација која ја слави Битола како град на културата, уметноста и традицијата.
„Годинава сме особено горди што фестивалот продолжува да расте, што имаме добра програма и што заедно со уметниците, институциите, но и со секој од вас, ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да ѝ ја даруваме на нашата Битола“, истакна Коњановски, изразувајќи благодарност до Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка.

Богатата фестивалска програма ќе трае до 31 август и ќе опфати низа настани, концерти, изложби, театарски претстави, фестивали и културни манифестации, како дел од летната културна понуда на градот. Меѓу најавените настани се „Битола отворен град“, „Илинденски денови“, „Битолино“, „Локум фест“, како и настапи поврзани со јубилеи на домашни уметници, меѓу кои се Стефанија Мјузик Ворлд и групата „Гром“. Централно место ќе заземе и настапот на светски познатиот DJ артист Армин ван Бурен.
Културното лето во Битола има речиси петдецениска традиција, започнувајќи како Хераклејски вечери, а од 2006 година се одвива под капата на Општина Битола, која го трансформира фестивалот во денешниот БИТ ФЕСТ — препознатлива културна манифестација што го збогатува летниот живот на градот и ја афирмира Битола како еден од најважните културни центри во државата.