Македонија повторно се запишува на светската мапа: музичкиот бренд Cafe De Anatolia, основан од семејството Илиеви, стана дел од глобалната платформа на Sony Music Publishing – првпат независен бренд од Источна Европа влегува во вакво елитно друштво.
Создаден како семејна идеја во 2009, а официјализиран во 2017, Cafe De Anatolia денес е најголемиот издавач на жанрот „органик хаус“ во светот, со повеќе од 10.000 траки, 50 под-брендови и мрежа од 4.000 артисти. На „Јутјуб“ имаат над 2 милијарди прегледи и повеќе од 70 награди за креатори, а на „Спотифај“ управуваат со најголемата глобална мрежа за органик и етник дип хаус.
Ова лето потпишаа договор со Sony Music Publishing MENA, на што „Сони“ симболично им порача: „Добредојдовте дома“. Основачите Зоран (Billy Esteban), Моника и Никола Илиев (Nickarth / Rialians On Earth) велат дека ова е историски момент не само за нив, туку и за Македонија.
Во 2024, Cafe De Anatolia беа прогласени за најпродаван артист и издавачка куќа на Beatport, а годинава се номинирани за „Hype Label of the Year“. Тие се и првиот македонски бренд промовиран на Тајмс сквер во Њујорк, а признати се од „Форбс“, „Билборд“ и „Ентрепренер“.
Покрај музиката, соработуваат со светски брендови како „Џорџо Армани“, „Фор сизонс“ и „Радисон Блу“, а нивниот проект „Cafe De Anatolia Experience“ обединува музика, гастрономија и сопствени вина.
Со овој историски договор, Македонија доби свое место во глобалниот елитен круг што ја обликува иднината на електронската музика.