Во магичната летна вечер под ѕвездите во амфитеатарот Хераклеа во Битола, четворицата мајстори на кларинетот – Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов – приредија незаборавен концерт исполнет со техничка брилијантност и емотивна длабочина.

Со композиции од македонската народна традиција, џез, класична музика и евергрини, тие ги воодушевија присутните со соло изведби и дуети, меѓу кои беа „Битола мој роден крај“, „Flamenco“, „Schindler’s List“, „Касапско оро“ и многу други.

Исмаил Лумановски емотивно ја поздрави публиката, истакнувајќи ја долгогодишната дружба и љубов кон кларинетот што ја развиле заедно уште од млади години, оддавајќи почит и на својот професор маестро Панде Татарчевски.

Горан Бојчевски, освен со кларинет, ги импресионираше слушателите и со свирењето на кавал, изведувајќи дури и два кавали истовремено. Благој Ламњов од Велес ги освои присутните со својата виртуозност и емотивност, а маестро Благојче Трајковски им се заблагодари на сите за поддршката и енергијата што им ја дадоа.

Настанот беше збогатен и со поетски изведби од „Елегии за кларинетот“ од проф. д-р Зоран Пејковски, како и со перформанс на хор „Коруновска Арс Нова“ под диригентството на Марина Коруновска.

Главен координатор на содржината беше музичарот Оливер Јосифовски, кој настапи заедно со врвни музичари од различни инструменти, создавајќи богата и хармонична музичка атмосфера.

Кларинетската магија на оваа „одисеја“ ќе остане долго во сеќавањето на битолската публика, која ги награди виртуозите со громогласни аплаузи и бис.