На 29.08.2025 година, македонската заедница во Германија доживеа историски момент – македонскиот јазик за првпат официјално се воведе во училишниот систем на Рајнланд-Пфалц. Од оваа учебна година, 25 деца од Кобленц и околината ќе имаат можност својот мајчин јазик да го учат во училница, под раководство на професорката Марта Цветковска. Наставата ќе се одржува секој петок во Основното училиште Астерштајн, Кобленц.
Овој чекор претставува повеќе од воведување на часови по јазик – тоа е победа на идентитетот, културата и сплотеноста на македонските семејства кои со децении живеат во Германија. Родителската иницијатива во Рајнланд-Пфалц, предводена од Злате Ковилоски, Александар Бузлески и Оливија Штерјова, со поддршка од Министерството за образование, Управата за надзор и услуги и Агенцијата за иселеништво на РСМ, обезбеди учебници и организациски услови за успешна настава.
На свеченото отворање присуствуваа македонскиот конзул од конзулатот во Бон, Амон Бајрамовски, ценетата политичарка Ана Коберлинг, директорот на училиштето Мартин Ломер и Карина Абрамијан од ADD KOBLENZ. Наставата ќе се одвива во две паралелки, во зависност од возраста на децата.
Овој настан ја зајакнува врската меѓу генерациите, потсетувајќи дека корените никогаш не треба да се заборават, а повеќејазичноста е богатство и сила за целото општество. Македонската заедница во Кобленц гордо може да каже: „Нашиот јазик е жив, нашата култура е признаена, нашиот идентитет е почитуван.“