
Евростат објави дека во 2024 година жените во Европската Унија го заземаат 35,2 проценти од сите менаџерски позиции, што претставува раст во однос на 31,8 проценти пред десет години, во 2014 година. Најсилно женското присуство се чувствува меѓу помладите менаџери, во групата од 15 до 39 години, жените сочинуваат 39 проценти од раководните позиции, додека со возраста овој удел постепено опаѓа. Така, кај менаџерите на возраст од 40 до 64 години, жените се 34,4 проценти, а над 65 години нивното присуство паѓа на околу 26,5 проценти.
Разликите меѓу земјите се значајни. Највисок процент на жени во раководството е регистриран во Шведска (44,4 проценти), Латвија (43,4) и Полска (41,8), додека најниско учество имаат Кипар (25,3), Хрватска (27,6) и Италија (27,9). Од 2014 година, мнозинството земји од ЕУ забележаа раст на женското претставување на раководни позиции – таков тренд е забележан во 24 земји.























