УТРО.мк

Занаетчиите загрижени: Наглото зголемување на минималецот може да ги затвори дуќаните

Занаетчиите загрижени: Наглото зголемување на минималецот може да ги затвори дуќаните
Vero

Зголемувањето на минималната плата на 600 евра, иако на прв поглед претставува напредок во подобрување на животниот стандард, може сериозно да го загрози опстанокот на занаетчискиот сектор и малите семејни бизниси, предупредува Занаетчиската комора – Скопје.

Од Комората истакнуваат дека не се против раст на платите, но нагласуваат дека тој треба да биде реален, законски утврден и темелно анализиран. Наглото покачување на минималецот би значело драстично зголемување на трошоците за придонеси, што многу занаетчии не можат да го издржат. Во услови на растечки трошоци за струја, репроматеријали и закупнини, дополнителниот притисок може да доведе до затворање на дуќаните и отпуштања на работници.

Претседателот на Комората, Горан Ристовски, посочи дека особено ранливи се занаетчиите во помалите градови и руралните средини, каде што куповната моќ е пониска, а работната сила и клиентелата се намалуваат. За да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите би биле принудени да ги зголемат цените, што пак може дополнително да ја намали побарувачката.

Ристовски истакна дека новата минимална плата директно ќе ги погоди и занаетчиите кои плаќаат паушален данок, како и оние кои се оданочуваат според реално остварен приход, бидејќи повисоките придонеси ќе важат без оглед на моменталните приходи.

Прашањето за минималецот се актуелизира по барањата на Сојузот на синдикати на Македонија, кои инсистираат на зголемување на 600 евра како заштита од инфлацијата и растот на трошоците за живот. Синдикатите сметаат дека платите заостануваат зад реалните потреби, додека од занаетчискиот сектор предупредуваат дека унифицирано покачување може да доведе до губење работни места, наместо нивна заштита.

Според податоците на Комората, во Скопје работат над 2.300 занаетчии, а на ниво на држава нивниот број е речиси 8.000. Иако се забележува растечки интерес кај младите за дуалното образование и занаетчиските професии, без внимателно балансирање меѓу социјалните цели и економската реалност, ризикот е овие работни места да исчезнат.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран