Германската компанија „Нептун Енерџи“ соопшти дека во областа Алтмарк, во покраината Саксонија-Анхалт, е откриено едно од најголемите наоѓалишта на литиум во светот. Овој ресурс е клучен за производството на батерии за електрични автомобили, како и за современи електронски уреди.
Според проценките на компанијата, резервите изнесуваат околу 43 милиони тони литиум карбонатен еквивалент (LCE), што може да ѝ донесе милијарди евра корист на германската економија и да ја зајакне независноста на Европа во снабдувањето со критични суровини.
Литиумот нема да се вади со класичен рударски метод, туку преку иновативна технологија: термалната вода ќе се пумпа од големи длабочини до површината, каде што литиумот ќе се издвојува преку систем на филтрирање, а потоа водата повторно ќе се враќа во земјата.
„Нептун Енерџи“ планира годишно производство до 25.000 тони литиум до 2042 година, со вкупна вредност од 6,4 милијарди евра и отворање на околу 1.500 нови работни места.
Сепак, проектот е во рана фаза и, според весникот Билд, индустриската експлоатација не се очекува пред 2033 година, пренесува Дневник.